Осигуреници
Општи акти

Инвестираме во услови за подобра здравствена грижа за пациентите – целосно обновен објектот на Неврофизиологија

Инвестираме во услови за подобра здравствена грижа за пациентите – целосно обновен објектот на Неврофизиологија

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, м-р Златко Перински, присуствуваше на отворањето на целосно обновениот и осовремен објект на Неврофизиологија при Универзитетската клиника за неврологија, заедно со претседателот на Владата, министерот за здравство и претставници на здравствениот сектор. 

По повеќедецениски период, целосно е обновена внатрешноста на засебниот објект на Неврофизиологија, на површина од 881 квадратен метар. Со инвестицијата се создадени современи, функционални и побезбедни услови за лекување на пациентите и за работа на здравствените професионалци. 

Вкупната инвестиција во реконструкцијата изнесува 5,3 милиони денари, а дополнително е набавен нов современ ЕМГ апарат. 

Обновен е стационарниот дел со 20 болнички легла во шест соби, уредени се просториите за клинички истражувања, а создаден е и нов простор за физикална терапија и неврорехабилитација со современа опрема. Отворен е и посебен кабинет за когнитивен тренинг, кој овозможува индивидуализирана работа со пациентите во областите на меморијата, вниманието, концентрацијата, моториката и другите когнитивни функции. 

Посебно внимание е посветено и на безбедноста – обезбеден е посебен излез за евакуација, поставен е систем за известување во случај на пожар, а решен е и долгогодишниот инфраструктурен проблем со поплавувањето на подрумските простории. 

За Фондот, ваквите инвестиции имаат една јасна цел – средствата со кои располага здравствениот систем да создаваат конкретна вредност за осигурениците: подобри услови, поквалитетна здравствена услуга и посовремена дијагностика и рехабилитација. 

Согласно член 63 точка 5 од Законот за здравственото осигурување, средствата на Фондот се наменуваат и за инвестициони вложувања за создавање и подобрување на условите за укажување здравствени услуги на осигурените лица. 

Инвестицијата во здравствената инфраструктура е инвестиција во пациентот. Затоа, определбата на Фондот е средствата да се користат ефикасно, одговорно и таму каде што создаваат реална придобивка за осигурениците и за здравствениот систем. 

Со обновениот објект, Неврофизиологија добива современа и функционална средина приспособена на комплексните потреби на невролошките пациенти, но и подобри услови за работа, стручен развој и научноистражувачка дејност на здравствените професионалци. 

Мени за пристапност