Фондот за здравствено осигурување на (ФЗО) подготви сеопфатна аналитичка анализа на потрошувачката на лекови за периодот 2023–2025 година, низ трите канали преку кои се финансираат лековите во системот — Позитивната А листа, болничките лекови и условните буџети за лекови. Анализата покажува дека вкупната потрошувачка само за лекови, проценето, се зголемила од околу 8,3 на 11,1 милијарди денари (+33,9%), при што најголем дел од растот доаѓа од иновативните и биолошките терапии наменети за пациентите со најтешки заболувања.
Зголемени инвестиции во иновативни терапии.
Средствата за лекови преку условните буџети, преку кои се финансираат модерните и биолошките терапии, се зголемени за речиси 80% (од 2,44 на 4,40 милијарди денари). Најголем раст е забележан кај онкологијата (од 1,32 на 2,40 милијарди денари) и кај детските болести (раст од над 160%), а за 2026 година се одобрени дополнителни средства за овие клиники.
Континуирана достапност на лековите за граѓаните.
Потрошувачката на лекови на рецепт преку аптеките е зголемена за 20,7% по вредност, при што вкупниот обем на лекови достигна 27,3 милиони реализирани рецепти во 2025 година — пораст од 7,9% во однос на 25,3 милиони рецепти во 2023 година. Со тоа се обезбедува континуирана достапност на терапиите за осигурениците во сите региони на државата.
Порационална употреба на антибиотици.
За прв пат е забележан пад во потрошувачката на антибиотици — охрабрувачки сигнал за порационална употреба и за заштита на јавното здравје.
Стабилни и поефикасни болнички набавки.
По неколку години раст, болничките набавки на лекови и медицински материјали се стабилизираа во 2025 година, што укажува на подобрена ефикасност во трошењето на јавните средства



ФЗО останува посветен на одржлив и предвидлив систем за финансирање на лековите — систем што обезбедува достапност на масовните, секојдневни терапии за сите граѓани и истовремено им гарантира на пациентите пристап до најсовремените иновативни и биолошки лекови. Анализата ќе послужи како основа за натамошно планирање и за уште поефикасно управување со средствата наменети за лекови.