Осигуреници
Општи акти

ФЗО обезбедува континуирана терапија за децата со нарушувања на растот – нема листа на чекање

ФЗО обезбедува континуирана терапија за децата со нарушувања на растот – нема листа на чекање

Заменик-директорот на Фондот за здравствено осигурување, Седат Бислими, денес присуствуваше на одбележувањето на 20 Септември – Меѓународниот светски ден за подигнување на свеста за растот кај децата, во организација на Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ. На настанот присуствуваше и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, со што беше испратена заедничка институционална порака за значењето на навремената грижа, поддршката на децата и семејствата и создавањето услови за здрав раст и развој.

Под мотото „Добар раст = добро здравје“, настанот ја истакна важноста на редовното следење на растот кај децата, навременото препознавање на отстапувањата и обезбедувањето соодветна дијагностика и терапија кога за тоа постои медицинска индикација.

Фондот за здравствено осигурување за 2026 година има одобрено условен буџет во износ од 75.946.468,57 денари за Универзитетската клиника за детски болести, строго наменет за лекување деца со нарушувања на растот.

Со терапија во моментов се опфатени 175 деца, од кои 168 примаат соматропин – хормон за раст што се аплицира секојдневно, додека 7 деца примаат соматрогон – долгоделувачки хормон за раст што се аплицира еднаш неделно.

Особено значајно е што во моментов нема листа на чекање за започнување на терапијата. Потребите и потрошувачката континуирано се следат, а новодијагностицираните деца кај кои е утврдена медицинска индикација се вклучуваат и ќе продолжат да се вклучуваат во терапевтскиот процес.

Заменик-директорот Бислими истакна дека определбата на Фондот е пристапот до потребната терапија да се обезбедува согласно медицинските индикации и реалните потреби на пациентите.

Кога станува збор за здравјето на децата, зад секоја бројка стои едно дете и едно семејство. Наша обврска е средствата со кои располага Фондот да ги насочуваме таму каде што постои конкретна здравствена потреба и да обезбедиме континуитет во лекувањето. Секое дете кај кое е утврдена медицинска индикација треба навремено да ја добие потребната терапија.

Фондот ќе продолжи, во соработка со здравствените установи и здруженијата на пациенти, да ги следи потребите и да создава услови за навремена и достапна здравствена заштита.

Грижата за здравјето и правилниот раст на децата е грижа за нивната иднина.

Мени за пристапност