Денес, четврток, 22 јануари 2026 година, во Медиа центарот на Владата на Република Македонија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, одржаа заедничка прес-конференција на која официјално беше објавено пуштањето во функција на четири нови електронски услуги на Фондот за здравствено осигурување – три наменети за физички лица и една за правни лица. Услугите се достапни преку Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека дигитализацијата претставува континуиран процес, а не еднократна активност.
"Денес го означуваме почетокот на една плодна соработка со Фондот за здравствено осигурување – клучна институција во здравствениот систем. Новите електронски услуги го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар, го елиминираат непотребното чекање и физичкото одење на шалтери. Посебно значајно е што за првпат се овозможува целосно дигитална услуга, достапна 24/7, за потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување за правни лица. Ова е вистинскиот модел на дигитална трансформација: институции што соработуваат, системи што се поврзуваат и услуги што работат во корист на граѓаните и бизнисите"
- нагласи Андоновски.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, посочи дека Министерството за дигитална трансформација обезбедува клучни алатки („key enablers“) кои овозможуваат брза, стандардизирана и економична дигитализација.
„Фондот за здравствено осигурување ги користи сите компоненти што ги нуди Министерството за дигитална трансформација – системот за интероперабилност, електронската идентификација (еИД) и Националното електронско сандаче. ФЗО е податочно поврзан со АВРМ, УВМК, МСПДМ, има директна врска со УЈП и ‘Мој Термин’, а од денес е поврзан и со Централниот регистер на население. Ова ни овозможува навремени и ажурни податоци за осигурениците и подобро планирање на мерките. Повеќе од 250.000 корисници ќе можат со еИД да пристапат до порталот на ФЗО и електронски да поднесуваат барања за права и услуги“
- истакна Клековски.
Новите електронски услуги што од денес се достапни се:
- Потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување (за физички лица)
- Потврда за осигурено/неосигурено лице и платен придонес (за физички лица)
- Потврда за исплатен надоместок на плата за време на привремена спреченост од работа (за физички лица)
- Потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување (за правни лица – целосно дигитална услуга, достапна 24/7, за првпат овозможена електронски)
Ова претставува продолжување на процесот на дигитализација на Фондот за здравствено осигурување. Веќе се во функција повеќе дигитални процеси за јавните и приватните здравствени установи, како и услуги поврзани со биомедицински потпомогнато оплодување (ин витро – БПО).
Во завршна фаза е и проектот е-рецепт, за кој се очекува наскоро да биде целосно финализиран.
Во напредна фаза се и десетици други дигитални процеси, меѓу кои: рефундација на трошоци, ослободување од партиципација, лекување во странство, ортопедски помагала, породилни права, како и други услуги од значење за осигурениците.