Осигуреници
Општи акти

Голем чекор кон модерно здравство – претставен концептот за реконструкција на  Клиничка болница Тетово

Голем чекор кон модерно здравство – претставен концептот за реконструкција на  Клиничка болница Тетово

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, денес во Тетово присуствуваше на работна посета заедно со министерот за здравство д-р Сашо Клековски, делегација на Светска банка и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами. Заедно извршија увид во постојните капацитети на Клиничката болница Тетово и разговараа за концептот за нејзина реконструкција, проширување и современо опремување.

Со планирана инвестиција од околу 74 милиони евра, проектот предвидува сеопфатна модернизација на Хируршкиот и Интернистичкиот блок, изградба на нови објекти за повеќе медицински дејности и набавка на современа медицинска опрема, со што ќе се создадат услови за поквалитетна, поефикасна и подостапна здравствена заштита.

Во рамките на проектот се предвидени и приоритетни инфраструктурни интервенции – целосна реконструкција и технолошка модернизација на Хируршкиот и Интернистичкиот блок, изградба на нови објекти за инфектологија, дерматовенерологија, онкологија, хематологија, психијатрија и физикална терапија, нов современ објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, како и отстранување на дотраените објекти и целосно инфраструктурно и партерно уредување на болничкиот кампус, согласно најсовремените стандарди за здравствена инфраструктура.

Станува збор за стратешка инвестиција од исклучително значење за повеќе од 251.500 жители на Полошкиот регион, која ќе придонесе за порамномерен развој на здравствениот систем, намалување на потребата пациентите да се упатуваат во здравствените установи во Скопје, задржување на стручниот медицински кадар и обезбедување достоинствени услови за лекување поблиску до местото на живеење.

Со реализацијата на овој проект, Клиничката болница Тетово ќе ги зајакне своите капацитети и ќе се етаблира како современ регионален клинички центар, способен да одговори на растечките потреби на населението и да обезбеди здравствени услуги во согласност со највисоките професионални и инфраструктурни стандарди.

Фондот за здравствено осигурување останува цврсто посветен на поддршка на стратешките проекти што го унапредуваат здравствениот систем и создаваат подобри услови за работа на здравствените работници и поквалитетна здравствена заштита за граѓаните. Ваквите инвестиции претставуваат долгорочен влог во посилно, поефикасно и поодржливо јавно здравство.

Мени за пристапност