По повод Светскиот ден на бубрегот, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија учествуваше на настан организиран од Здружението на пациенти со бубрежни заболувања „Нефрон“, на кој беа истакнати клучните активности и заложби за унапредување на здравствената заштита и квалитетот на живот на пациентите со бубрежни заболувања.
Во име на Фондот беа презентирани неколку значајни чекори и активности насочени кон подобрување на поддршката за пациентите:
- Олеснет пристап до постојните лекови, со иницијатива тие да бидат вклучени на Позитивната А-листа, со цел обезбедување континуирана и достапна терапија за пациентите.
- Спроведување анализи и разговори за вклучување на современи лекови за хронична бубрежна болест, со посебен фокус на иновативните терапии во третманот.
- Поддршка за обезбедување хемодијафилтрација според медицински индикации, без ограничувања по основ на квоти.
- Целосна поддршка за трансплантација на бубрези, како најзначаен чекор кон долгорочно и одржливо решение за пациентите со бубрежна слабост.
Во рамки на своите надлежности, Фондот во периодот јануари–февруари 2026 година, за првпат по 2019 година, спроведе сеопфатна контрола на 20 приватни здравствени установи – центри за дијализа. Наодите од контролата покажуваат позитивна слика за функционирањето на овие центри (детали во продолжение).
Дополнително, Фондот започна постапка за овозможување поголема мобилност на пациентите на дијализа, со можност за користење на дијализни услуги надвор од државата. Оваа иницијатива, предложена од Здружението „Нефрон“, има за цел да им овозможи на пациентите поголема слобода за деловни, семејни или рекреативни патувања, без прекин на неопходната терапија.
На настанот се обрати и заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски, кој ги истакна чекорите што се преземаат за унапредување на програмата за трансплантација, меѓу кои проширување на кругот на роднини кои можат да бидат живи дарители, како и поедноставување на процедурите за кадаверични трансплантации.
Фондот за здравствено осигурување останува посветен на континуирано подобрување на здравствените услуги и на унапредување на квалитетот на живот на пациентите со бубрежни заболувања, во согласност со мотото на годинашното одбележување – „Бубрежно здравје за сите“.
Контрола на капацитетите на центрите за дијализа
Период: 20.01.2026 – 19.02.2026 година
Во рамки на контролата беа опфатени 20 центри за дијализа, управувани од ПЗУ Диамед, Нефроплус Кавадарци и Диамед Македонија Скопје.
Во овие центри се располага со:
- 461 дијализно место
- 24 специјалисти/супспецијалисти
- 46 доктори по општа медицина
- 224 медицински сестри и техничари
Во 2025 година, во овие центри биле лекувани 1.744 редовни пациенти, како и 413 нередовни пациенти. Центрите располагаат со посебни простории за пациенти позитивни на Hepatitis B, Hepatitis C и HIV, при што се води уредна и целосна медицинска евиденција.
Наоди од контролата
Контролата покажа висок степен на почитување на договорните обврски, како и доследно следење на медицинските упатства за дијализа и индикаторите за успешност на третманот.
Кај анализираните 383 пациенти утврдено е следното:
- кај 345 пациенти е постигната стандардна дијализна доза, додека за 38 пациенти постојат соодветни медицински образложенија;
- редовно се спроведуваат лабораториски анализи, со мали исклучоци во случаи кога пациентите одбиле тестирање;
- вредност eKt/V ≥ 1.2 е постигната кај 308 пациенти;
- URR ≥ 65% кај 332 пациенти;
- хемоглобин од 105 до 125 g/l кај 283 пациенти;
вакцинација против Hepatitis B е евидентирана кај 268 пациенти, додека кај останатите вакцинацијата е во тек на планирање или е одбиена од страна на пациентот.