Осигуреници
Општи акти

ФЗО и СЗО отвораат нов простор за соработка во реформите на здравствениот систем

ФЗО и СЗО отвораат нов простор за соработка во реформите на здравствениот систем

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, м-р Златко Перински, денеска оствари средба со д-р Аким Али, претставник на Светската здравствена организација (СЗО) и раководител на Канцеларијата на СЗО во Македонија.

Средбата беше посветена на можностите за продлабочување на институционалната соработка и на областите во кои стручната и аналитичката поткрепа на СЗО може да придонесе кон натамошно унапредување на здравствениот систем, со особен нагласок на неговата одржливост, ефикасност и достапност за осигурениците.

Генералниот директор Перински нагласи дека за Фондот меѓународната експертиза има вистинска вредност тогаш кога може да се преточи во применливи решенија што ќе донесат мерлив напредок за осигурениците и за здравствениот систем во целина.

На средбата беше нагласена и потребата идните политики се повеќе да се темелат врз податоци, мерливи резултати и докази, со јасна поврзаност меѓу начинот на финансирање, квалитетот на обезбедените здравствени услуги и исходите за пациентите.

Фондот за здравствено осигурување ја препознава СЗО како значаен стручен и развоен партнер во процесите што претстојат. Заедничката определба е институционалниот дијалог да продолжи и да се насочи кон области во кои меѓународното знаење, домашното искуство и надлежностите на Фондот можат да создадат одржливи решенија.

Мени за пристапност