Министерството за здравство и ФЗО отворија широк дијалог за унапредување на системот за управување со боледувањата
Денес, 23 јули 2026 година, во просториите на Владата, во организација на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, се одржа работилницата „Зајакнување на управувањето со боледувањата“, на која учествуваа претставници на Владата, институциите, здравствените установи, лекарската фела, синдикатите, стопанските комори и меѓународните партнери.
Во фокусот на дискусијата беа можностите за зајакнување на системот за управување со боледувањата преку појасни процедури, поефикасни механизми за контрола и решенија што ќе обезбедат рамнотежа меѓу заштитата на правата на осигурениците и одговорното управување со средствата од задолжителното здравствено осигурување.
Во своето воведно обраќање, директорот на Фондот за здравствено осигурување, м-р Златко Перински, ја истакна важноста на инклузивниот пристап и отворената стручна дебата во креирањето на идните решенија.
„Верувам дека ваквиот инклузивен пристап и отворената стручна дебата се клучни за креирање одржливи и применливи решенија што ќе придонесат за поефикасен здравствен систем.“
– истакна директорот Перински.
Во рамки на работилницата свое излагање имаше и министерот за здравство д-р Сашо Клековски, кој се осврна на потребата од системски пристап во унапредувањето на управувањето со боледувањата и на значењето на стручните анализи, меѓуинституционалната соработка и меѓународните искуства во креирањето на идните политики.
Директорката на Секторот за контрола при Фондот за здравствено осигурување, д-р Силвана Андов, ја презентираше анализата „Зајакнување на управувањето со боледувањата“, при што ги претстави актуелните состојби во системот, статистичките показатели, идентификуваните предизвици и можните насоки за негово унапредување.
Маргарита Спасеновска, претставник на Светската здравствена организација, презентираше компаративна анализа на критериумите за издавање боледувања во нашата земја, земјите-членки на Европската Унија и земјите од регионот, со посебен осврт на современите европски практики, функционалната проценка на работната способност, дигитализацијата на процесите и заштитата на правата на осигурениците.
Практичните искуства од словенечкиот систем ги презентираше Михаела Пинтар, виш правен советник во Заводот за здравствено осигурување на Словенија, која се осврна на законската рамка, организацијата на системот, медицинските и административните контроли, дигитализацијата на постапките и постигнатите резултати.
На работилницата беше претставен и регионалниот пример eBolovanje, како модел за дигитализација на постапките, централизирано управување и електронска размена на податоци меѓу институциите, со цел поголема ефикасност, транспарентност и поквалитетно управување со системот на боледувања.