Поголема достапност и пониски трошоци за пациентите
Enoxaparin, Nadroparin и Rivaroxaban – сега достапни во аптеките
Фондот за здравствено осигурување на Македонија продолжува со унапредување на достапноста на современа терапија и намалување на трошоците за осигурените лица.
Почнувајќи од 1 јули 2026 година, во аптеките низ државата се достапни три често пропишувани антикоагулантни лекови – Enoxaparin, Nadroparin и Rivaroxaban.
Со оваа мерка значително се подобрува пристапот до антикоагулантната терапија. Enoxaparin и Nadroparin, кои досега пациентите ги набавуваа преку постапка на рефундација, сега се достапни директно во аптеките, додека Rivaroxaban за првпат е вклучен на Позитивната листа на лекови.
Со оваа одлука покажуваме дека Позитивната листа не е само список на лекови, туку инструмент преку кој директно ги намалуваме трошоците за лекување на пациентите. Денес илјадници граѓани добиваат полесен пристап до современа антикоагулантна терапија, а создадените заштеди ќе ни овозможат и понатаму да ја прошируваме Позитивната листа со нови, современи и поскапи лекови.- Истакна меѓу другото Сашо Клековски, директор на ФЗО
ENOXAPARIN И NADROPARIN
Enoxaparin е достапен во повеќе дози и пакувања, со цена која се движи од 1.160 до 2.700 денари.
Лекот е достапен во два бренда, при што еден бренд се издава без доплата, односно пациентите плаќаат само законска партиципација која изнесува од 160 до 240 денари, во зависност од дозата и пакувањето.
Со намалувањето на референтната цена се обезбедуваат заштеди и за осигурените лица и за Фондот.
Клучни придобивки
- 1.160–2.700 денари – цена на лекот
- 160–240 денари – партиципација
- 0 денари – доплата за еден бренд на Enoxaparin
RIVAROXABAN
Rivaroxaban е современ орален антикоагуланс што го користат меѓу 6.000 и 10.000 осигуреници, а неговата досегашна цена изнесуваше од 2.000 до 2.200 денари месечно, во зависност од дозата.
Со вклучувањето на Позитивната листа, лекот ќе биде достапен со партиципација од 160 денари, а доплатата ќе изнесува од 105 до 505 денари, во зависност од дозата и пакувањето.
Кај најчесто користеното пакување – 30 таблети од 10 mg – пациентот ќе плаќа 160 денари партиципација и 315 денари доплата, што претставува заштеда од 1.752 денари месечно во споредба со досегашната цена.
Клучни придобивки
- 2.000–2.200 денари – досегашна цена
- 160 денари – партиципација
- 105–505 денари – доплата (во зависност од дозата и пакувањето)
- 1.752 денари – заштеда за најчесто користеното пакување
Од 1 јануари 2027 година, Rivaroxaban ќе биде достапен без доплата, односно пациентите ќе плаќаат само законска партиципација, со што финансиското оптоварување дополнително ќе се намали.
ФОНДОТ ВЛОЖУВА И ЗАШТЕДУВА
Покрај значителните заштеди за осигурените лица, со намалувањето на референтните цени Фондот ќе го обезбедува лекот по пониска цена, што овозможува поодговорно и поефикасно користење на јавните средства.
Референтната цена на Rivaroxaban ќе биде преполовена, што претставува значителна заштеда и за здравствениот систем.
ЧЕКОР КОН ПРОШИРУВАЊЕ НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА
Со ова проширување, Фондот започнува со системско вклучување на поскапи лекови за хронична терапија во ценовен ранг од 2.000 до 3.000 денари месечно, политика што ќе продолжи и во наредниот период.
Вклучувањето на нови лекови на Позитивната листа претставува еден од најефикасните механизми за намалување на цените, подобрување на достапноста на терапијата и намалување на финансискиот товар за пациентите.
Фондот останува посветен на обезбедување поквалитетна, подостапна и финансиски одржлива здравствена заштита, преку политики кои истовремено ги штитат интересите на осигурениците и обезбедуваат рационално управување со јавните средства.