Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија

ФЗО вклучува нови брендови на Позитивната листа за аптеките – поголема достапност и пониски трошоци.

ФЗО вклучува нови брендови на Позитивната листа за аптеките – поголема достапност и пониски трошоци.

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ја информира јавноста дека од јуни 2026 година во групата лекови што се издаваат во ПЗУ аптеките на товар на Фондот се вклучени 18 нови брендови на лекови.

Новината опфаќа 16 брендови за 10 генерички лекови, кои согласно важечките прописи може да се пропишуваат и издаваат на рецепт на товар на Фондот.

Од вкупно десетте генерички групи, девет се обезбедени без доплата, односно 15 лекови по заштитено име се достапни за осигурениците без дополнителен финансиски товар.

Преостанатите три лекови, кои се интервентно увезени заради обезбедување континуитет во снабдувањето по прекинот на производството на претходно достапните лекови, се пријавени со минимална доплата од околу 60 денари, утврдена од носителот на одобрението за промет. Деталниот преглед е даден во Прилог 1.

Овој чекор е реализиран по барање на производители и носители на одобренија за промет, со што Фондот овозможува поширок избор на лекови, поголема достапност и пониски трошоци за осигурениците.

Пониски референтни цени

Кај пет генерички групи новите брендови се со пониски цени од досегашните, што резултира со намалување на референтните цени.

Меѓу нив е и втор бренд на фиксната комбинација беклометазон/формотерол (инхалаторна терапија за астма и ХОББ), со ист состав и иста дозажа, произведен во земја членка на Европската Унија.

Со воведувањето на конкурентен бренд во оваа терапевтска група се воспоставува референтна конкуренција, при што референтната цена по пакување се намалува од 2.715 на 1.915 денари со ДДВ, а новиот лек е достапен без доплата.

Намалувањето не се пренесува како дополнителен трошок врз пациентите. Напротив, во истата терапевтска група е достапен лек без доплата, додека претставникот на постојниот бренд најави намалување на цената, со што значително ќе се намали и доплатата за тој лек.

Применето на истиот обем на испорачани количини од 2025 година (57.441 рецепти, во вредност од 166,7 милиони денари), новата референтна цена ќе донесе проценета годишна заштеда од 46 до 49 милиони денари, средства што ќе овозможат воведување на најнов трикомпонентен лек од истата терапевтска група. Подетални информации се дадени во Прилог 2.

Повеќе лекови без доплата

Осигуреното лице има право да подигне лек на рецепт чија цена е еднаква на референтната цена што ја утврдува Фондот, без доплата.

Фондот континуирано работи на проширување на бројот на вакви лекови и ја поздравува секоја одлука на производителите, носителите на одобренија за промет и Министерството за здравство што придонесува за намалување на цените и обезбедување повеќе лекови без или со пониска доплата.

Доплата се плаќа само за лекови од истата генеричка група чија цена е повисока од референтната цена, при што разликата ја покрива самиот пациент, согласно принципите на референтниот систем.

Квалитетот, ефикасноста и безбедноста остануваат врвен приоритет

Сите лекови што се во промет, вклучително и оние што се на Позитивната листа, ги исполнуваат истите строги критериуми за квалитет, ефикасност и безбедност.

Тие се одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), по што Министерството за здравство ја утврдува нивната цена.

Без разлика дали станува збор за оригинален или генерички лек, регулаторните стандарди се идентични, а секој пациент добива соодветна, ефикасна и безбедна терапија.

Рационално управување според меѓународни стандарди

Во согласност со препораките и стандардите на Светската здравствена организација, Фондот го унапредува користењето на генеричките лекови како докажан модел за рационално користење на јавните средства, без компромис во квалитетот на лекувањето.

Во услови на зголемени здравствени потреби и ограничени буџетски ресурси, ваквиот пристап овозможува поголема достапност на терапијата и поефикасно користење на средствата, со пациентот во центарот на здравствениот систем.

За тоа сведочат и 27,3 милиони реализирани рецепти (просечно 15 по осигуреник) и 3,6 милијарди денари потрошени за лекови на рецепт во текот на 2025 година.

Фондот останува посветен на својата стратешка цел – обезбедување подостапна терапија, поефикасно користење на јавните средства и унапредување на здравствената заштита за секој осигуреник. Во таа насока, наскоро ќе следува и ново проширување на Позитивната листа А.