Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија

Заедничка прес-конференција - ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) и Фондот за здравствено осигурување на Македонија

Заедничка прес-конференција - ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) и Фондот за здравствено осигурување на Македонија

Денеска, 4 април 2026 година (сабота), со почеток во 11:30 часот, во просториите на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија се одржа заедничка прес-конференција, на која беа презентирани резултатите, вложувањата и идните планови во унапредувањето на третманот на онколошките пациенти.

На прес-конференцијата беа опфатени следниве клучни теми:

  • Податоци и резултати – преглед на инциденцата (број на нови случаи) и преваленцата (вкупен број на постоечки случаи) кај малигните заболувања (карцином на дојка, карцином на бели дробови и меланом), како и постигнатите резултати во третманот; 
  • Финансиски вложувања – буџетот на Клиниката за 2026 година и планираните унапредувања; 
  • Нова метода – воведување на современа стереотаксична радиотерапија, како високо прецизна техника за третман на специфични мозочни лезии. 

Во изминатите години, иако бројот на новодијагностицирани случаи (инциденца) останува релативно стабилен, вкупниот број пациенти (преваленца) бележи континуиран раст. Овој тренд е резултат на продолжениот животен век и значителното подобрување на третманите, што е директно поврзано со зголемените вложувања по пациент и воведувањето на современи терапии (имунотерапија, таргетна терапија и др.).

Карцином на дојка (C50)

  • Преваленца: од 5.072 пациенти во 2020 година на 7.038 во 2025 година (раст од 38,8 %); 
  • Нови случаи: меѓу 800 и 1.000 годишно; 
  • Вложувања по пациент: од 42.586 денари (694 евра) во 2020 година на 155.582 денари (2.538 евра) во 2025 година (зголемување од 265 % или 3,65 пати); 
  • Просечно преживување: околу 7 години (проценка врз основа на однос преваленца/инциденца). 

Карцином на бели дробови (C34)

  • Преваленца: од 1.265 пациенти во 2020 година на 1.743 во 2025 година (раст од 37,8 %); 
  • Нови случаи: меѓу 600 и 700 годишно; 
  • Вложувања по пациент: од 14.378 денари (234 евра) во 2020 година на 470.441 денари (7.668 евра) во 2025 година (зголемување од 3.172 % или 32,7 пати); 
  • Опфат со имунотерапија: зголемен од 11,1 % во 2021 година на 48,5 % во 2025 година; 
  • Просечно преживување: над 2 години. 

Меланом (C43)

  • Преваленца: од 237 пациенти во 2020 година на 514 во 2025 година (раст од 116,9 %); 
  • Нови случаи: од 63 во 2020 година на 174 во 2025 година (раст од 176 %); 
  • Вложувања по пациент: од 129.485 денари (2.112 евра) во 2020 година на 1.059.413 денари (17.282 евра) во 2025 година (зголемување од 718 % или 8,18 пати); 
  • Просечно преживување: околу 3 години. 

Анализите покажуваат јасна и силна поврзаност меѓу вложувањата по пациент и вкупниот број пациенти кои живеат подолго, особено кај карциномот на дојка и белите дробови, а најизразено кај меланомот.

Се поголем број пациенти живеат подолго и со подобар квалитет на живот, при што одредени малигни заболувања постепено се трансформираат во хронични состојби.

Финансиски вложувања во УКРО

Во периодот од 2010 до 2020 година, буџетот на УКРО се движел меѓу 8 и 12 милиони евра.

Буџетот за 2026 година изнесува околу 3,5 милијарди денари, односно приближно 57 милиони евра, што претставува:

  • зголемување од 15,5 % во однос на 2025 година и 
  • значително зголемување од 73,6 % во однос на 2023 година. 

Дополнително, за 2026 година е предвидено зголемување на буџетот за лекови во онкологијата за 14,38 % во споредба со претходната година.

Новини во терапијата

  • Воведување на два нови лека за карцином на дојка со мутација PIK3CA; 
  • Зголемување на опфатот со CDK 4/6 инхибитори за околу 50 %; 
  • Воведување нова генерациска терапија (ARI) за карцином на простата со зголемен опфат од околу 80 %; 
  • Зголемување на опфатот со имунотерапија за околу 10 %. 

Во 2025 година, за првпат беа воведени шест нови лекови (ipilimumab, avelumab, durvalumab, dabrafenib, trametinib и darolutamide), а со дополнителните два лека во 2026 година, вкупниот број на новововедени терапии достигнува осум во период од две години.

Нова метода

Во рамки на унапредувањето на третманот, воведена е современа стереотаксична радиотерапија, како високо прецизна техника за третман на специфични мозочни лезии, која овозможува подобри клинички исходи и значително подобрување на квалитетот на животот на пациентите.

Овие активности претставуваат дел од сеопфатниот пристап за унапредување на онколошката грижа, со фокус не само на третманот, туку и на раната дијагностика, генетските истражувања, превенцијата и навременото откривање на болестите.

Со почит,
ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија
Фонд за здравствено осигурување на Македонија