Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија

Светски ден на дебелината

Светски ден на дебелината

По повод Светскиот ден на дебелината, денеска во Националната галерија „Чифте Амам“ беше промовирана националната едукативна кампања „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“, во организација на Научното здружение за обезност ОБЕМ, со поддршка на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и Светската здравствена организација.

На настанот се обрати и генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување,г.р Сашо Клековски, кој истакна дека дебелината претставува еден од најсериозните здравствени предизвици на современото општество.

„Дебелината е здравствен предизвик на 21 век и е тесно поврзана со животните навики, физичката неактивност и современиот начин на исхрана. Затоа Фондот за здравствено осигурување ја дава својата целосна поддршка на оваа кампања, чија цел е подигнување на јавната свест и поттикнување на општествен дијалог за превенција и справување со овој растечки здравствен проблем“
- истакна Клековски.

Покрај поддршката на кампањата, Фондот укажува и на потребата од отворена општествена дебата за два значајни фактори кои придонесуваат за зголемување на дебелината – прекумерната консумација на засладени пијалоци и високо процесирана храна (т.н. „џанк фуд“).

Во таа насока, беше потенцирана потребата од разгледување на можноста за воведување на данок на пијалоци засладени со шеќер (SSB – Sugar Sweetened Beverage Tax), мерка која во последната деценија е воведена во повеќе од 110 земји во светот. Целта на оваа мерка е намалување на консумацијата на пијалоци со додаден шеќер, а средствата собрани од овој данок да се насочат кон здравствени програми и превентивни активности.

Истовремено, беше повторно потенцирана потребата од забрана на продажба на „џанк фуд“ во училиштата, како и потребата од редизајн на училишната исхрана, со поголемо присуство на свежа и здрава храна. Дополнително, беше истакната и важноста од поддршка на иницијативи како што се училишните градини, кои имаат значајно влијание во формирањето здрави навики кај децата.

Фондот за здравствено осигурување обезбедува поддршка и за современи медицински третмани за дебелината, вклучително и терапија со лекови и баријатрична хирургија, но експертите нагласуваат дека овие третмани можат да дадат трајни резултати само доколку се проследени со долгорочна промена на животниот стил, здрави навики во исхраната и зголемена физичка активност.

Кампањата „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“ има за цел да ја подигне јавната свест за дебелината како хронична болест, да поттикне поголема институционална и општествена поддршка и да помогне во создавање средина која ги охрабрува граѓаните да водат поздрав начин на живот.

Видеото од настанот може да го погледнете тука.