Фондот за здравствено осигурување со два значајни процеса во интерес на осигурениците
Денес, во просториите на Фондот за здравствено осигурување, генералниот директор г. Сашо Клековски одржа брифинг со претставниците на медиумите, на кој ги информираше новинарите, а преку нив и целата јавност, за два исклучително важни процеси што се реализираат во моментов.
Ревидирање на критериумите за здравствено осигурување
На иницијатива на Фондот за здравствено осигурување, со одлука на Владата на Република Македонија, започна процес на ревидирање на критериумите за здравствено осигурување.
Македонија има еден од најсеопфатните закони во регионот, кој обезбедува основ за здравствено осигурување за секој граѓанин, со цел – универзално здравствено осигурување за сите. Во моментов, во системот на Фондот се регистрирани 1.845.007 осигуреници.
Фокусот на преоценувањето е на основот за осигурување на лица со пониски и повисоки примања кои не се формално вработени. По овој основ, се осигурани околу 477 илјади лица, меѓу кои има ризик од злоупотреби, особено кај лица кои работат во сива економија или живеат и остваруваат приходи во странство, а немаат регистрирани приходи во земјата.
Фондот поради тоа трпи загуби и по основ на неплатени придонеси, и по основ на повеќе исплатени капитации кон матичните лекари, бидејќи бројот на осигуреници е основ за нивно плаќање.
Процесот го спроведува работна група составена од претставници на Фондот, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, а по потреба се консултира и Министерството за внатрешни работи.
Проширување на Позитивната листа до крајот на ноември
Вториот значаен процес е во насока на проширување на Позитивната листа на лекови.
Фондот е во завршна фаза на постапката за вклучување на два антикоагуланси – Еноксапарин и Надропарин (познати како Клексан и Фраксипарин), кои ќе бидат достапни за продолжено домашно лекување.
Овие лекови досега беа на болничка листа и се рефундираа од страна на Фондот. Со нивното преминување на
Позитивната А-листа, ќе се постигне двојна придобивка:
- пациентите ќе имаат полесен и побрз пристап до терапијата, која ќе ја добиваат директно на рецепт,
- Фондот ќе има намалено административно оптоварување во процесот на рефундација.
Во тек е спроведување на потребните анализи и договори со дистрибутерите, со цел до крајот на ноември да се финализира постапката.
Предизвиците на процесот се однесуваат на:
- недостаток на веродостојни податоци за потрошувачката на лекови,
- потребата од целосна имплементација на Е-рецептот, кој ќе овозможи ИТ контрола наместо физичка,
- и воспоставување на договорен влез на позитивна листа, со што ќе се гарантира ценовна заштита и ограничување на можната доплата за граѓаните.
По завршувањето на брифингот, генералниот директор г. Сашо Клековски одговараше на прашања од присутните новинари.