Забрзана дигитализација е потребна за поефективен здравствен систем
Генералните директори на ФЗОРСМ Сашо Клековски и Бранко Аџигогов на работниот состанок одржан на ден 16.07.2024 година, заедно со министерот за дигитализација Стефан Андоновски имаа конструктивен разговор на тема: забрзување на процесот на дигитализација на здравствениот систем во државата, зголемување и подобрување на дигиталните услуги и извршување на вмрежување на сите податоци на едно место за пациентите.
Потребата од целосна дигитализација во овој сегмент е неопходна ,со тоа ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста на здравствените услуги, ќе се намали административната работа на здравствените работници и секое медицинско лице ќе ги има сите потребни податоци за еден пациент. Системот може да биде надграден со тоа што ќе се нудат повеќе услуги, и на тој начин ќе се забрза користењето на здравствените услуги и ќе се намали драстично можноста за корупција.
"Приоритет е дигитализацијата, бидејќи само со дигитализација се зголемува транспарентноста и подобрува контролата, во сите подрачја, од рецепти до лекување во странство. Отпорот што се јавувал кон дигитализацијата во сегментот во здравство е поради намалувањето на можноста за злоупотреби. Но, сега има политичка волја тоа да се надмине“, објасни на состанокот Клековски.
За министерот Андоновски, овој принцип на работа со внесување на елементи на дигитализацијата е начин да се избегнат понатамошни злоупотреби, пациентите да ги добијат посакуваните услуги побрзо и подобро. Министерот Андоновски ја истакна и важноста за поврзување со Uslugi.gov.mk
Веќе се прави анализа на сите потребни надградби на системот и во следниот период ќе се започне со имплементација.