Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија

Четири нови електронски услуги на Фондот за здравствено осигурување

Четири нови електронски услуги на Фондот за здравствено осигурување

Денес, четврток, 22 јануари 2026 година, во Медиа центарот на Владата на Република Македонија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, одржаа заедничка прес-конференција на која официјално беше објавено пуштањето во функција на четири нови електронски услуги на Фондот за здравствено осигурување – три наменети за физички лица и една за правни лица. Услугите се достапни преку Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека дигитализацијата претставува континуиран процес, а не еднократна активност.

"Денес го означуваме почетокот на една плодна соработка со Фондот за здравствено осигурување – клучна институција во здравствениот систем. Новите електронски услуги го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар, го елиминираат непотребното чекање и физичкото одење на шалтери. Посебно значајно е што за првпат се овозможува целосно дигитална услуга, достапна 24/7, за потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување за правни лица. Ова е вистинскиот модел на дигитална трансформација: институции што соработуваат, системи што се поврзуваат и услуги што работат во корист на граѓаните и бизнисите"
  - нагласи Андоновски.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, посочи дека Министерството за дигитална трансформација обезбедува клучни алатки („key enablers“) кои овозможуваат брза, стандардизирана и економична дигитализација.

„Фондот за здравствено осигурување ги користи сите компоненти што ги нуди Министерството за дигитална трансформација – системот за интероперабилност, електронската идентификација (еИД) и Националното електронско сандаче. ФЗО е податочно поврзан со АВРМ, УВМК, МСПДМ, има директна врска со УЈП и ‘Мој Термин’, а од денес е поврзан и со Централниот регистер на население. Ова ни овозможува навремени и ажурни податоци за осигурениците и подобро планирање на мерките. Повеќе од 250.000 корисници ќе можат со еИД да пристапат до порталот на ФЗО и електронски да поднесуваат барања за права и услуги“
  - истакна Клековски.

Новите електронски услуги што од денес се достапни се:

  • Потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување (за физички лица)
  • Потврда за осигурено/неосигурено лице и платен придонес (за физички лица)
  • Потврда за исплатен надоместок на плата за време на привремена спреченост од работа (за физички лица)
  • Потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување (за правни лица – целосно дигитална услуга, достапна 24/7, за првпат овозможена електронски)

Ова претставува продолжување на процесот на дигитализација на Фондот за здравствено осигурување. Веќе се во функција повеќе дигитални процеси за јавните и приватните здравствени установи, како и услуги поврзани со биомедицински потпомогнато оплодување (ин витро – БПО).

Во завршна фаза е и проектот е-рецепт, за кој се очекува наскоро да биде целосно финализиран.

Во напредна фаза се и десетици други дигитални процеси, меѓу кои: рефундација на трошоци, ослободување од партиципација, лекување во странство, ортопедски помагала, породилни права, како и други услуги од значење за осигурениците.