Потпишан анекс за побрза и поефикасна размена на податоци помеѓу ФЗО и УЈП
Управата за јавни приходи (УЈП) и Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), предводени од директорите Елена Петрова и Сашо Клековски, потпишаа анекс на Протоколот за електронска размена на податоци.
Овој анекс е прв по потпишувањето на оригиналниот Протокол во 2012 година и претставува значаен чекор по пауза од 13 години, ја унапредува соработката меѓу институциите и носи директни придобивки за граѓаните.
Клучни придобивки:
- Навремено ажурирање на податоци за неплатени придонеси
Месечна достава на податоци за неплатени придонеси за здравствено осигурување, поединечно по обврзници за пресметка и уплата, како и по обврзници за плаќање. (Досега се добиваа податоци само за платени придонеси). Податоците се обезбедени од поднесени и неплатени пресметки од правни лица, самостојни вршители на дејност, индивидуални земјоделци и верски службени лица.
Тоа ќе обезбеди навремено информирање и ажурирање на податоците што ќе превенира ненајавени прекини во здравственото осигурување. Поради грешки и разлики во уплати, системот автоматски го исклучува здравствено осигурување што осигурениците го дознаваат кога ќе се обидат да користат здравствени услуги.
- Решавање на стари долгови
Ќе се воспостави годишна достава на податоци за ненаплатени и застарени за наплатени придонеси. Овие податоци ќе се доставуваат најдоцна до 31 јануари за претходната година.
Тоа ќе обезбеди годишно отпишување на застарени побарувања (над 10 години) и ќе го реши проблемот на осигурениците кои имаат застарени обврски, а сега се редовни плаќачи. Тие досега не можеа да остварат здравствено осигурување поради барањето за континуитет во плаќањето.
- Интеграција со „е-даноци“
Фондот ќе добива податоци во реално време за приходите (Уверенија за остварени приходи за претходната година) за лицата кои сакаат да се пријават во Фондот како лица со пониски приходи за кои придонесот го плаќа Министерството за здравство.
Тоа е прв чекор во превенција на злоупотреби на ова право на здравствено осигурување. Досега правото се остваруваше со самоизјава.
Овие промени обезбедуваат побрзи, потранспарентни и подостапни услуги, намалувајќи ги бирократските бариери за граѓаните. ФЗО и УЈП продолжуваат со дигитализација за поефикасна администрација во корист на сите.